Американската вселенска агенција НАСА даде „зелено светло“ за лансирање на нова огромна ракета кон Месечината.

Претставниците на НАСА направија анализа на подготвеноста за летот и заклучија дека нема значителни технички проблеми. Ракетата Space Launch System или SLS ќе носи капсула наречена Орион на патување околу Месечината.

Станува збор за мисија од програмата „Артемис“ во која овојпат нема да учествуваат астронаути, но во следните мисии ќе биде вклучен и екипаж ако се оди според планот.

SLS ќе биде лансиран во понеделник на 29 август и тоа ќе биде клучен момент за НАСА која во декември ќе ја прослави 50-годишнината од последното слетување со екипаж на Месечината во мисијата Аполо 17.

Враќањето на Месечината е подготовка за патувањето на астронаути на Марс.

Ракетата SLS и капсулата Орион се во развој повеќе од десет години, а досегашните трошоци надминаа 20 милијарди долари. Орион всушност веќе леташе во 2014 година, но користеше постоечка комерцијална ракета, па следното лансирање ќе биде целосен тест на хардверот Artemis.