Една од најголемите светски авиокомпании, American Airlines, нарача суперсонични авиони од Boom, пишува Engadget.

Станува збор за 20 суперсонични авиони наречени Overture, а тој број би можел да се зголеми за уште 40 доколку се оди според планот. Договорот е еден од најдобрите знаци за поддршка за Boom, кој минатата година се обврза да изгради до 50 суперсонични авиони за United Airlines. Сепак, Boom допрва треба да произведе функционален патнички авион.

Претходно оваа година, Boom рече дека ќе изгради производствен капацитет на меѓународниот аеродром Пиемонт Триад во Северна Каролина, а производството на авиони треба да започне во 2024 година. Првиот примерок на суперсоничен авион Overture треба да биде завршен во 2026 година. Изградбата на производниот погон се очекува да започне годинава.

Што се однесува до самиот суперсоничен авион, Boom тврди дека ќе достигне брзина од 1,7 мах и дека од Сан Франциско до Токио ќе стигне за околу шест часа.

Исто така, компанијата нагласува дека ќе користи 100 отсто одржливо воздухопловно гориво.