Американската агенција ЦИА минатата недела изврши напад во кој беше убиен Ајман ал Завахири, водачот на терористичката група Ал Каеда, а се верува дека во таа мисија била користена ракета наречена Hellfire R9X.

Има многу малку информации за операцијата против лидерот на Ал Каеда, но се верува дека дронот истрелал ракета Hellfire R9X, кинетичко оружје за кое малку се знае.

Американските сили користат беспилотни летала од терористичките напади на 11 септември 2001 година, а она што како претседател го започна Џорџ Буш, претседателите Барак Обама и Доналд Трамп го продолжија. Овие авиони можат да извршуваат прецизни напади во средини со висок ризик и затоа претставуваат важно оружје за војската, а ракетите Hellfire имаат посебно место во тој арсенал.

„Hellfire“ е дизајниран во 1980-тите како противтенковско оружје, а американската војска и разузнавачките агенции го користат повеќе од две децении. Наводно постојат две верзии на проектилот, од кои и двете се прецизно водени од полуактивен ласер или радар MMW (Millimeter Wave radar).

Боевите глави на овие проектили можат да уништат патролни чамци, урбани објекти, бункери, мостови и друго. Ракетата воздух-земја може да се користи во различни временски услови, а дострелот му е до осум километри.

Сепак, фотографиите од локациите каде е извршен нападот не откриваат голема штета што оваа ракета може да ја предизвика. Американските власти потврдија дека биле истрелани две ракети Hellfire и дека се сигурни дека нема колатерална штета, а аналитичарите веруваат дека станува збор за верзијата „Р9Х“ на ракетата Hellfire за која јавноста не знае многу.

Верзијата R9X на проектилот беше развиена во 2011 година и се користи од 2017 година. Постоењето на оваа ракета се чуваше во тајност до 2019 година кога беше откриено во јавноста од извештајот на Вол Стрит Журнал. Карактеристика на овој проектил е што нема експлозивна боева глава, туку работи на принципот на кинетичка енергија за да предизвика штета.

Според „Вашингтон пост“, оваа ракета има шест ротирачки сечила кои се протегаат и стануваат оружје кога проектилот ќе се приближи до целта, а може и да се повлече. Поради ваквиот начин на функционирање, R9X ги доби прекарите „летечки Ginsu“, „нож бомба“ и „нинџа бомба“.

Фотографиите објавени на социјалните мрежи покажуваат дека лидерот на Ал Каеда е убиен на балконот на објектот, па R9X Hellfire не морал да навлезе во структурата иако е способен за тоа. Сепак, забележана е прецизно обликувана дупка, но освен тоа нема видливи оштетувања.

Во август 2021 година, додека американските војници се подготвуваа да го напуштат Авганистан, беше извршен напад со беспилотно летало врз терорист на ИСИЛ, но еден хуманитарен работник и девет други лица, меѓу кои седум деца, беа убиени. Потоа следеа жестоки критики упатени кон САД, па тоа можеби имало улога и во изборот на различна ракета, односно Hellfire R9X.

Американската команда за специјални операции потврди за Ројтерс дека ја има во својот арсенал.