VAPPEBY е најновиот потфат на ИКЕА во областа на звучниците. Ова е првиот модел на компанијата за надворешна употреба.
VAPPEBY изгледа како фенер. Има рачка, која може да се користи за лесна преносливост, тело во форма на ѕвонче, со кружно LED светло и тркалезна основа на која има копчиња со контроли, како и USB-C приклучок за полнење.
Звучникот е достапен во две елегантни бои – сива и сина. Уредот не се истакнува со својот сјаен или флуоресцентен дизајн, а неговата цел е лесно и природно да се вклопи во шик градина или удобна тераса.
Звучникот-светилка не е премногу тежок, додека димензиите се пристојни – ништо претерано, со оглед на тоа дека се работи за звучник со добра батерија, кој има и вградено светло.
Под „ѕвончето“ се наоѓа LED светло, кое може да се вклучи посебно од звучникот. Светлината има две нивоа на интензитет, што може да се искористи за да се создаде пријатна атмосфера на мал простор.
Уредот има четири копчиња, од кои три се наоѓаат на предната и едното на задната страна. Интересно е што копчето за вклучување има вградена функција Spotify Tap, што значи дека автоматски ќе ја отвори апликацијата Spotify доколку ја имате инсталирано на телефонот и ќе ја пушти омилената музика. Има и големо копче за контрола на звукот, односно за плеј/пауза. Третото копче на предната страна е за Bluetooth.
IKEA VAPPEBY има приклучок за полнење USB-C, кој се наоѓа во внатрешниот дел на држачот. Одлично е што кабелот за полнење е вклучен во пакувањето на уредот и е со должина од 1,5 метри.
Една од многу важните карактеристики на звучникот/светилката е неговата отпорност на вода и прашина. VAPPEBY има IP65 сертификат, што значи дека ќе работи непречено дури и на дожд или во некои други необични услови.
IKEA VAPPEBY нуди звук од 360 степени, што значи дека можете да го опкружувате со пријателите и семејството и сите ќе уживаат во истиот квалитет на звукот.
Што се однесува до автономијата, на хартија VAPPEBY трае до 12 часа – со звук на средна јачина и LED светло неколку часа вклучено.
Поврзани артикли