Компанијата Greenfluidics со седиште во Мексико ветува понови, „позелени“ биопанели кои можат да обезбедат свеж кислород и значително да ја намалат потрошувачката на енергија додека испорачуваат гориво базирано на биомаса.

Со оглед на фактот дека светот се обидува да ги намали емисиите на јаглерод, алгите го заземаа централното место во „фаќањето“ на CO2 што се ослободува. Од користење на цутот на алгите како големи површини за „фаќање“ на CO2 до напојување на електронски уреди со нив, истражувачите се обидуваат да ги користат овие зелени организми на многу начини.

Истражувачите од Универзитетот во Колорадо Боулдер користеле алги за да произведат еколошки цемент, а сега истражувачите успеале да развијат прозорски панел во кој се сместени овие организми.

Биопанелите работат така што „пумпаат“ CO2 низ вода што содржи алги. CO2 што вообичаено би се ослободувал во атмосферата сега се користи од алгите како фотосинтетички организми за да растат и да произведуваат сопствена храна. Дополнителна предност е што овие организми создаваат кислород како нуспроизвод што може да се „фати“ и да се ослободи во објектот каде што се наоѓаат споменатите панели.

Нема многу детали од Greenfluidics за тоа како функционира технологијата, но New Atlas објави дека компанијата користи нанофлуиди во својот дизајн за да циркулираат јаглеродни наночестички во вода. Придобивката од додавањето јаглерод е тоа што ја зголемува топлинската спроводливост на водата, која потоа тече на едната страна од панелот додека алгите растат на другата страна.

Според дизајнот на Greenfluidics, „заробената“ топлина поминува низ термоелектричен генератор за производство на електрична енергија, која може да се користи директно за напојување на зградата. Ова е релативно лесен метод, што значи дека овие панели се многу полесни за употреба од конвенционалните панели за алги каде биомасата треба да се извлече и да се претвори во гориво во посебна постројка.

Споменатата компанија веќе две години го развива дизајнот на своите панели, а прототипот е тестиран во октомври 2021 година. Компанијата имаше план да спроведе повеќе тестови низ светот, што треба да се случи во втората половина од оваа година.

Секој панел може да произведе 328 KWh/m2 енергија годишно и исто така да заштеди 90 kWh/m2 енергија со задржување на топлина за време на постудено време. Во текот на летото, истите панели можат да понудат ефект на сенка и да одржуваат пониска температура на зградите.

Иако технологијата е возбудлива, има многу други фактори како што се трошоците и леснотијата на инсталација, естетиката на вградениот панел и трошоците за работа и одржување на таков систем кои засега се непознати.