Како дел од тест, Facebook ќе им овозможи на некои корисници да имаат повеќе профили во една сметка.
Ова е дел од проектот на Мета да ги охрабри корисниците да останат на платформата и покрај зголемената конкуренција од ривалските услуги.
Како дел од тестот, корисниците на Facebook ќе можат да креираат до четири дополнителни профили, кои се поврзани со нивната оригинална сметка.
Идејата е дека дополнителните профили може да се користат за различни цели, како што е еден за пријатели, еден за работа или за интеракција со различни групи и влијателни лица.
Корисниците сепак ќе имаат една сметка, но ќе можат да се префрлаат помеѓу профилите со само неколку кликања.
Профилите ќе мора да се усогласат со политиката за приватност и условите за користење на Facebook, а злоупотребата на еден профил ќе влијае на целата сметка и нејзиното евентуално суспендирање.
Корисниците, кои креираат дополнителни профили, нема да мора да го користат својот вистински идентитет кога станува збор за прикажаното име, се додека тоа не е во спротивност со правилата на платформата.
Промената на тактиката на Facebook и оддалечувањето од моделот со еден профил доаѓа во време кога платформата се бори да ги задржи корисниците, особено помладите, кои се префрлаат на конкурентни платформи како што е TikTok.