Откако основачот на Telegram, Павел Дуров, го објави Telegram Premium претходно овој месец, популарната апликација за пораки сега почна да нуди претплатничка верзија на корисниците.
Telegram Premium им нуди на корисниците пристап до дополнителни функции, по цена од 4,99 долари месечно. Сите функции, кои доаѓаат со претплата, се наведени на блогот на Telegram, а некои од најважните вклучуваат побрзо преземање, можност за вметнување датотеки до 4 GB и друго.
Premium претплатниците исто така, добиваат дуплирани опции за функции што се лимитирани за стандардните корисници. Наместо сегашните 500 канали, претплатниците можат да се приклучат до 1000 канали.
Истото важи и за другите функции – претплатниците можат да креираат 20 папки за разговор со по 200 разговори за секој, може да зачуваат до 10 стикери, да пинуваат до 10 разговори и да додадат вкупно четири сметки на Telegram, наместо три. Premium корисниците добиваат и можност да креираат подолга биографија, со линк.
Дополнителните поволности, кои доаѓаат со претплата, вклучуваат пристап до библиотека со премиум стикери, ексклузивни реакции со емотикони и анимирани профилни фотографии, како и дополнителни алатки за управување со разговор.
Веројатно можноста што привлекува многумина да се претплатат на услуги е тоа што претплатата на Telegram Premium ги отстранува спонзорираните пораки од јавните канали.
Telegram Premium доаѓа со голем број функции, од кои многу ќе бидат примамливи за сега многу големата база на корисници на Telegram, која сега брои повеќе од 700 милиони луѓе. Основната верзија на апликацијата сè уште е бесплатна за секого.