Продажбата на електрични автомобили во светот, вклучително и целосно електрифицирани и plug-in хибриди, се удвои во 2021 година, достигнувајќи нов рекорд од 6,6 милиони, се вели во извештајот на Меѓународната агенција за енергија (IEA) „Преглед на глобален пазар на електрични возила“.
Кина имаше удел од една половина од вкупната светска продажба на електрични автомобили со 3,3 милиони единици, додека продажбата во Европа се зголеми за 65% до 2,3 милиони минатата година, пренесува агенцијата Анадолија.
Така, вкупниот број на електрични автомобили на патиштата низ светот се зголеми на 16,5 милиони возила до крајот на 2021 година.
Минатогодишниот голем пораст на продажбата се припишува на континуираната политика на субвенции „на многу пазари, каде вкупниот износ на државни стимуланси минатата година се удвои на речиси 30 милијарди долари“, соопшти ИЕА.
Во согласност со политиките за заштита на животната средина, се поголем број земји имаат амбициозни цели за електрифицирање возила во наредните децении, а многу автомобилски компании планираат огромни инвестиции за целосна транзиција кон производство на електрични автомобили.
И покрај скокот во продажбата, „на краток рок, најголемите пречки за продолжување на силната продажба на електрични возила се зголемувањето на цените на некои клучни минерали потребни за производство на батерии, како и прекините на синџирот на снабдување предизвикани од нападот на Русија врз Украина и долгорочниот локдаун во некои делови на Кина“, додава ИЕА.
На долг рок, потребни се поголеми напори за да се развие доволна инфраструктура за полнење на електрични возила за да се исполни очекуваниот раст на продажбата, се заклучува во извештајот на меѓународната агенција.
Поврзани артикли