На 1 јуни во Будва се одржа регионален брифинг за медиуми, организиран од VISA, компанијата која е светски лидер во дигиталните плаќања. Првите луѓе на VISA за Југоисточна Европа открија дека Македонија е лидер во регионот за плаќање преку мобилни телефони, а дека иднината на компанијата е новата технологија позната како Тap to phone и во криптовалутите.
На настанот присуствуваа новинари од Македонија, Црна Гора, Србија, Албанија и Босна.
Глобалниот пазар за дигитални плаќања се очекува да се зголеми за 50 проценти и да достигне 12,55 трилиони американски долари до 2027 година, според глобалната прогноза за следните пет години. Порастот на бесконтактните трансакции, е-трговијата, плаќањата преку паметни телефони или скенирањето QR-кодови, како и зголемената популарност на биометриката, потврдуваат дека дигиталното работење не е само корисно за потрошувачите, туку витален дел од процесот на економско закрепнувањето. Ова е заклучокот на регионалниот брифинг кој е дел од традиционалниот Форум за клиенти на VISA Југоисточна Европа.
Владимир Ѓорѓевиќ, генерален директор на VISA за Југоисточна Европа, истакна дека пандемијата ги забрза промените во финансискиот свет. Според него тоа што се случи изминатите две години ќе доведе трајно да се смени однесувањето на потрошувачите и тие наместо кеш и физички контакт при купувањето, да се ориентираат кон дигитално плаќање.
„Со понатамошна технолошка еволуција во трговијата и движењето на парите, иновациите ќе продолжат да напредуваат во отворено опкружување, што навистина ќе ја отклучи моќта и потенцијалот на дигиталните пари. Едно е јасно – иднината на парите е дигитална. Во Виза, сведоци сме дека многу сопственици на картички и бизниси препознаваат и се одлучуваат за бесконтактна технологија, било да е тоа плаќање со картичка или дигитален паричник или прифаќање на тие плаќања преку паметни уреди. Ова доведе до лансирање на нова технологија, како што е Visa Tap to Phone, дигитални паричници и нови практични начини на плаќање со паметни телефони. Нашата мисија е дополнително да се прошириме и да понудиме практични и сигурни решенија за дигитално плаќање за сите потрошувачи во регионот. Заедно со нашите партнери, банки, ги поддржуваме владите да го стимулираат растот на безготовинските и дигиталните економии. Нашата цел на овогодишниот форум е да осознаеме како можеме да ги искористиме постоечките технологии и иновации за да ѝ помогнеме на регионалната економија да напредува“, рече Ѓорѓевиќ.
Малите и средните бизниси мора да се прилагодат на економските промени за да успеат, а тоа значи да ги зголемат безготовински плаќања и да се фокусираат на дигитализацијата.
Вера Платонова, виш потпретседател и менаџер на групацијата во Visa, CISSEE, вели дека новиот тренд на дигитални плаќања се забележува низ целиот свет, вклучително и регионот на Југоисточна Европа, кој исто така се движи кон безготовинска економија.
„Во Виза отсекогаш верувавме дека дигиталните плаќања се вградени во сите сектори на економијата и секојдневниот живот и им овозможуваат на бизнисите и на поединците да напредуваат. Многу сме среќни што гледаме значителен напредок во растот и пробивање на дигиталните плаќања во регионот на ЈИЕ, а тоа компанијата го постигна заедно со нашите партнери – банки и трговци. Со нетрпение очекуваме да донесеме повеќе иновативни решенија, поддршка и технологии за нашите клиенти, како и повеќе придобивки и вредност за сите иматели на картички“, рече Платонова.
Меѓу оние што говореа на регионалната конференција беше и Дилан Калу, менаџер на производи за крипторешенија во VISA, CEMEA. Според него, иднината на компанијата е во криптовалутите.
„Сè повеќе луѓе во светот се ориентирани кон купување и плаќање со криптовалути. Тука ја гледаме и иднината на нашата компанија. Се надевам ќе VISA ќе биде првата во светот што ќе овозможи преку нејзините картичките да се прават трансакции и со криптовалути. Ова е безбеден начин на плаќање, пазар што се шири, а колку повеќе луѓе се вклучени во трговијата со криптоваутите, толку е побезбеден и системот. Во овие 14 години, колку што постои биткоинот, никој не успеа да го хакне и да му наштети“, кажа тој меѓу другото.
На конференцијата се зборуваше и за новиот тренд на купување, користењето на паметниот телефон како паричник. Според регионалното истражување на Виза, „Избирам дигитално“, во регионот на Југоисточна Европа, потрошувачите пројавуваат интерес да користат паметни телефони за плаќање. Лидер во регионот е Македонија, со 36 проценти од потрошувачите кои користат мобилни телефони за секојдневни трансакции. Во Србија речиси секој четврти граѓанин го користи својот паметен телефон за плаќање. Добри резултати бележат и Црна Гора и Босна и Херцеговина, при што 26 и 24 отсто од корисниците прислушувале за да платат со мобилен телефон, додека во Албанија и Косово тоа е само 10, односно 8 отсто од испитаниците.
На крајот на 2021 година, VISA ја лансираше и технологијата Tap to phone на пазарите во Србија и Црна Гора. Оваа технологија ги трансформира паметните телефони во мобилни POS терминали, со што се елиминира потребата од купување или изнајмување традиционални POS-терминали за трговците, а се проширува и опсегот на достапни алатки за дигитално прифаќање.
Фото: Visa/Slaven Vilus