Тим научници измислија нова фасцинантна медицинска технологија, мрежа од безжични уреди вклучувајќи пејсмејкер кој се раствора во телото.
Станува збор за уред кој ја следи температурата на телото, нивото на кислород, дишењето, мускулниот тонус, физичката активност и срцето. Доколку е потребно, пејсмејкерот може да го врати срцето во нормален ритам.
„За привремен срцев „пејсинг“, овој систем ги одвојува пациентите од уредот за следење и стимулација што ги ограничува во болничката средина. Наместо тоа, пациентите би можеле да се опорават во удобноста на своите домови, а притоа да го задржат својот душевен мир кој доаѓа со далечински надзор од лекар“, рече научникот Џон Роџерс, еден од коавторите на истражувањето.
Тој тврди дека новиот апарат може да ги намали трошоците и да ги ослободи болничките кревети.
Новитетот е опишан во статија објавена во списанието Science.
Претходната верзија на пејсмејкерот беше претставена минатото лето, а оттогаш Роџерс и неговите колеги направија неколку подобрени верзии на уредот. Најновиот полесно се растега и на тој начин се прилагодува на движењето на срцето што чука. Исто така, се „лепи“ за органот користејќи биоразградлив лепак, кој содржи антиинфламаторен лек за да го спречи телото да го „нападне“ уредот со имунолошки одговор.
Пејсмејкерот работи со неколку други единици за следење на пациентите. Модулот фиксиран на надворешната страна на градите ги презема податоците и користи алгоритам за откривање на проблемот.
„Срцевиот модул буквално му кажува на пејсмејкерот да примени стимулација за срцето. Ако се врати нормалната активност, уредот престанува да работи. Ова е важно бидејќи непотребната стимулација на срцето го зголемува ризикот од аритмија”, вели биомедицинскиот инженер Игор Р. Ефимов.
Иако оваа технологија ветува многу, таа исто така покренува многу неодговорени прашања. Биомедицинскиот истражувач Волфрам-Хубертус Цимерман рече дека одредувањето и минимизирањето на зачестеноста на грешките се клучни фактори за да се направи оваа технологија одржлива за употреба во клинички услови.
„Ова не е тривијална задача бидејќи таквите уреди треба да покажат јасни снимки на ЕКГ за јасна дисекција на сигналите од бучавата, а тоа е чест проблем со привремените пејсмејкери и дефибрилатори“, рече тој.
Сепак, подобрените материјали и новите алгоритми за вештачка интелигенција би можеле да помогнат.
Цимерман исто така тврди дека приватноста е уште еден проблем бидејќи вградените сензори собираат приватни податоци кои би можеле да бидат злоупотребени или манипулирани. Медицинските власти мора да воспостават ригорозни мерки за заштита на податоците, а пациентите треба да бидат подготвени во случај на најлошото сценарио, односно „несакано губење контрола“ на уредот.
Јасно е дека ќе помине извесно време додека кардиолозите да почнат да ги вградуваат овие апарати кај пациентите. Уредот помина тестови на стаорци и кучиња, а работеше и за време на тестот на донирано човечко срце. Сепак, тестот на жив човек сè уште не е направен.
Поврзани артикли