Лендерот на Марс, InSight, кој е испратен на Црвената планета од американската вселенска агенција НАСА се ближи кон својот крај.
InSight наскоро нема да може да испраќа податоци и фотографии до научниците на Земјата за тие да го анализираат и подобро да го разберат Марс. Лендерот постепено ја губи енергијата веќе долго време бидејќи прашината се акумулира на неговите соларни панели.
Во наредните месеци се очекува „потемно“ небо, а една од причините е поголемата количина прашина во воздухот, што не му оди во прилог на лендерот. Соларните панели на InSight можеа да генерираат околу 5.000 Wh енергија секој ден на Марс, што е доволно енергија за електрична печка да работи час и 40 минути. Сепак, овие денови панелите можат да произведат само 500 Wh енергија на ден на Марс, што е доволно за максимални 10 минути работа со електрична печка.
НАСА верува дека лендерот повеќе нема да може да ја поддржува работата на својот сеизмометар до крајот на летото, што ќе ги прекине неговите научни активности. Несеизмичките инструменти на InSight повремено ќе се вклучуваат по мај, но НАСА очекува лендерот да стане целосно нефункционален до декември. Единствениот начин да се спречи ова сценарио е лендерот да се најде под влијание на моќниот феномен познат како „ѓаволот од прашина“ кој би ја отстранил прашината од неговите панели. Ако 25 проценти од прашината се отстранат од панелот, лендерот би можел да продолжи со своите научни активности.
InSight пристигна на Марс во ноември 2018 година и ги помина изминатите неколку години собирајќи информации за земјотресите на Марс, кои им помогнаа на научниците да ја измерат длабочината и составот на кората, обвивката и јадрото на Црвената планета. Лендерот има роботска рака која се користела за манипулирање со сеизмометарот и топлинската сонда, а таа рака била користена и за отстранување на одредена количина прашина од соларните панели. Тимот на InSight последен пат ќе ја постави раката на „пензионерска позиција“ кон крајот на овој месец.