Британската пошта Royal Mail има намера да набави флота од 500 беспилотни летала кои ќе ги користи за испорака на пратки до оддалечените заедници низ Велика Британија.
Royal Mail се надева дека ќе користи 200 беспилотни летала во следните три години за испорака на пошта на 50 рути до островите Scilly, Shetland, Orkney и Hebrides.
Сепак, за новата услуга потребно е одобрение од Агенцијата CAA за цивилното воздухопловство, а новите рути ќе зависат од „планираните подобрувања во економијата на дронови“.
Royal Mail веќе извесно време тестираше дронови, а последното тестирање беше направено во април на островите Shetland. Беспилотните летала доставувале пошта помеѓу аеродромот Tingwall во Lerwick до Unst, најсеверниот населен остров во Британија. Летот во еден правец е долг 66 километри.
Има компании чија цел е да испорачуваат пратки до адресата, но дроновите кои Royal Mail планира да ги користи немаат можност да лебдат и затоа не можат да го заменат поштарот.
Леталата се големи, распонот на крилата е 10 метри, а дометот им е околу 1.000 километри. Тие можат да пренесат до 100 килограми товар и се напојувани од два мотори со внатрешно согорување. Тие првично беа дизајнирани да доставуваат хуманитарна помош во Африка, потребен им е мал простор за полетување, како и за слетување. Тие можат да слетаат и на полиња кои се доволно рамни.
Беспилотните летала летаат независно, но тие од далечина се следат од човек заради безбедност. Тие се наменети за средниот дел од процесот на испорака бидејќи по испораката нивните пратки ги подигнуваат вработените во поштата.
Сепак, овие дронови ќе помогнат да се намалат емисиите на јаглерод. Компанијата за производство на дронови Windracers тврди дека леталата произведуваат 30 проценти помалку емисии на јаглерод од авионите со кои управуваат пилоти. Исто така помалку подложни на лоши временски услови.