Американската вселенска агенција НАСА објави нови импресивни фотографии од универзумот направени од нејзиниот нов вселенски телескоп James Webb.

Новата фотографија го прикажува Големиот Mагеланов облак снимен со инструментот MIRI на Webb, кој е специјализиран за средно инфрацрвено сликање. Станува збор за фотографија што открива дел од Големиот Магеланов облак, сателитска галаксија на нашиот Млечен Пат која содржи густи ѕвездени полиња и која ќе се користи за тестирање на новите способности на Webb.

Новата фотографија споредена со фотографија од истата област направена од вселенскиот телескоп Spitzer на НАСА со својата инфрацрвена камера Infrared Array Camera. Spitzer беше „пензиониран“, но тој беше еден од првите што направи фотографии од универзумот со висока резолуција.

Примарното огледало на Webb и подобрените детектори ќе им дадат на научниците многу појасен поглед на „инфрацрвеното небо“ во иднина, а тоа би можело да значи нови потенцијални откритија во астрономијата на длабоката вселена.

Кога новиот телескоп официјално ќе ги започне своите научни мисии, инструментот MIRI ќе им помогне на астрономите да разберат како настанале младите ѕвезди и протопланетарни системи.

Дотогаш ќе се следи тестирањето на телескопот и неговата напредна опрема, а првите експерименти ќе започнат летово.