Железничката компанија West Japan, позната како JR West, претстави голем хуманоиден робот кој ќе извршува задачи ризични за луѓето.

Досега сме виделе различни роботи вклучувајќи и хуманоиди со многу реалистични изрази, но јапонскиот робот е нешто навистина посебно. Станува збор за робот кој има торзо и раце со кои врши различни работи и задачи како чистење на далноводи и електрична мрежа со помош на специјална четка. Сепак, не станува збор само за чистење, бидејќи роботот е способен да ја одржува мрежата благодарение на неговите роботски раце кои се компатибилни со различни алатки.

На врвот на торзото се наоѓаат две дигитални камери кои служат како очи, односно му овозможуваат на човекот кој го контролира роботот да види што работи со помош на VR сет. Тој ги контролира роботските раце со пар контролни рачки. Ако на рацете на роботот дејствува надворешна сила, таа се пренесува на контролите на човекот кој го контролира роботот, кој потоа може да ги изврши потребните дејства.

Благодарение на хидрауличниот кран што го крева торзото, роботот може да крева тешки товари.

Иако е целосно функционален, роботот сепак е само прототип развиен од Nippon Singal и Human Machinery Company. Првиот робот од ваков вид ќе стапи во употреба во 2024 година, а по него ќе следат и роботи кои наместо луѓе ќе извршуваат некои други ризични задачи. Овие работни места вклучуваат работа на далноводи, како и на висини.

Иако роботите ќе си ја вршат работата побавно од луѓето, сепак се исплати бидејќи нема никаков ризик за човекот.