Се чини дека Телеграм тестира уште една верзија на својата популарна услуга, за да почне да заработува од неа.
Бета тестерите на Телеграм забележаа нешто ново во верзијата 8.7.2, а тоа е нова група на стикери и реакции преку емотикони, кои може да се отклучат само со претплата на Телеграм Премиум.
Телеграм Премиум, се разбира, сè уште не постои. Сепак, корисниците во рамките на верзијата Телеграм TestFlight и Test Server можат да користат нови емотикони, како што се летечки дух, срце што експлодира, а има и нови интересни стикери.
Ова е еден од начините на кои основачот на Телеграм, Павел Дуров, сака да ги смири корисниците. Минатата есен Телеграм почна да прикажува реклами, што ги налути и авторите и претплатниците, па Дуров вети дека ќе најде начин да ги намали. Новите тестови се веројатно начинот на кој тоа се планира.
Со повеќе од 500 милиони корисници на платформата, Телеграм ќе треба да убеди само мал процент од нив да се претплатат за да може услугата да биде одржлива, што е целта на нејзиниот основач.