За корисниците во Кина, платформата Weibo ќе ја прикажува провинцијата или општината од која објавуваат содржина, а за оние кои ја користат апликацијата во странство, ќе биде прикажана земјата на IP адресата на корисникот.
Weibo, кинескиот пандан на Twitter, ги информираше корисниците дека ќе почне да објавува IP-локацијата на нивните профили и во коментарите што тие ги оставаат во обид да го спречат „лошото однесување“ на Интернет, пренесува Ројтерс.
Потегот на Weibo предизвика жестоки дебати, а некои корисници се загрижени.
„Се чини дека секоја IP адреса ви шепоти на уво: Бидете внимателни“, напиша корисникот Misty.
Други, пак, рекоа дека ги поддржуваат мерките за расветлување на дезинформациите поврзани со Ковид.
„Особено во време кога ситуацијата со Ковид е сè уште сериозна, брзото откривање на IP може ефикасно да ја намали инциденцата на одвратна содржина објавена од креаторите и оние кои шират гласини“, напиша корисникот UltraScarry.
Weibo, кој има повеќе од 570 милиони активни корисници месечно, потврди дека IP адресите на корисниците ќе се прикажуваат во новите поставки кои стапија на сила и кои корисниците не можат да ги исклучат.
За корисниците во Кина, платформата ќе ја прикаже провинцијата или општината од која објавуваат. За оние кои користат Weibo во странство, ќе се прикаже земјата на IP адресата на корисникот.
Поставките се дизајнирани да го „намалат лошото однесување“, како што е погрешно претставување на луѓето вклучени во „жешки“ теми и злонамерни дезинформации и да „обезбедат автентичност и транспарентност на содржината што се шири“, се вели во соопштението.
„Weibo отсекогаш бил посветен на одржување здрава и пристојна атмосфера на дискусија и заштита на правата и интересите на корисниците за брзо добивање на вистински и корисни информации“, се додава во соопштението.
Ефектите од новите правила веќе беа видливи под известувањето, бидејќи многу кориснички коментари носеа дополнителна ознака што ја означува провинцијата или општината на IP адресата на корисникот.
Минатиот месец, Weibo објави дека ќе започне со тестирање на овие поставки на некои корисници, како одговор на дезинформациите за руската воена акција во Украина.