Компанијата Tesla оствари рекорден прилагоден профит од 3,7 милијарди долари во првиот квартал од 2022 година, и покрај проблемите во синџирот на снабдување, што е далеку повеќе од 2,6 милијарди долари како што предвидуваат пазарните аналитичари.
„Заработката на Tesla во првиот квартал исто така беше три пати повеќе од 1,1 милијарда долари забележана во истиот период во 2021 година и 30 отсто поголема од претходниот рекорд од 2,9 милијарди долари поставен во четвртиот квартал од минатата година“, известува CNN.
Во периодот јануари-март, приходите на компанијата се зголемени за 6,0 отсто во однос на претходниот квартал, на 18,8 милијарди долари, додека скокнале за 81 отсто во однос на првиот квартал од минатата година.
Акциите на Tesla пораснаа за 6,0 отсто по објавувањето на деловните резултати, на продолженото тргување на Волстрит.
Според извештајот на ТВ станицата CNBC, приходите на автомобилскиот сектор на компанијата во извештајниот период достигнале 16,86 милијарди долари, што е за 87 отсто повеќе од лани. Бруто-маржата во автомобилскиот оддел порасна на рекордни 32,9 отсто, додека бруто-добивката на „Тесла“ во овој главен деловен сегмент изнесува 5,54 милијарди долари.
Растот на приходите беше делумно поттикнат од зголемувањето на бројот на испорачани автомобили, но и од зголемувањето на просечните продажни цени, се вели во извештајот на акционерите на компанијата.
Обраќајќи им се на акционерите преку видео врска, финансискиот директор Захари Киркхорн и извршниот директор Илон Маск изразија уверување дека Tesla може да постигне раст од најмалку 50 проценти оваа година во споредба со деловните показатели од 2021 година.
Тие, сепак, забележаа дека компанијата изгуби околу еден месец од производството во фабриката во Шангај поради ковид мерките за затворање.
„Производството продолжува на ограничено ниво и работиме да се вратиме на целосно производство што е можно поскоро“, рече Киркхорн.
Маск рече дека и покрај овие тешкотии, смета дека е можно „Тесла“ оваа година да произведе милион и пол автомобили. Тој предупреди дека клиентите кои сега ги нарачуваат автомобилите на „Тесла“ ќе се соочат со долга листа на чекање, а дел од нивните нарачки нема да бидат испорачани до следната година.
Поврзани артикли