Започна сериското производство на електрични хиперавтомобили од Хрватска, а во следните неколку месеци ќе започнат испораките на клиентите ширум светот.

Тимот на Rimac заврши две интензивни недели зимско тестирање во Центарот Пирели во Сотозеро, во близина на Арктичкиот круг во Шведска. Поради невообичаено високите дневни температури, тестовите беа спроведени ноќе кога температурите беа најекстремни, прилагодувајќи ги системите како ABS, ESP и други, пред да започне испораката на првите сериски автомобили.

По неколку години симулации и тестирања на патеки, и во тест центри низ Европа, целосно електричниот Rimac Nevera со 1.914 КС веќе ги помина хомологациските безбедносни тестови за САД и ЕУ, сериското производство е во тек и компанијата е подготвена да започне со испорака на клиенти ширум светот во наредните неколку месеци.

За да се осигура дека секој систем работи совршено во сите услови, тимот на Rimac се упати во Шведска за да ги потврди резултатите што претходно ги постигнаа на патиштата, на патеките и во климатските комори. Оваа средина беше идеална можност да се тестира Nevera на препорачаните зимски гуми – Pirelli P Zero Winter.

Пневматикот се карактеризира со посебна ознака на страната што сведочи за заедничкиот развој што Pirelli го имплементира во партнерство со Rimac. Инаку, стандардните „летни“ гуми за Nevera се Michelin Pilot Sport 4S.

„За нас, овој процес на тестирање во екстремни услови беше можност за дополнително подобрување на Nevera, осигурувајќи се дека сè е во ред пред првите испораки до сопствениците. Дури и по две недели поминати на температури околу -15 ° C и прилично напорен режим на тестирање, нашиот прототип исполни 100% од очекуваните резултати, така што знаеме дека сите наши системи можат да работат сигурно дури и во екстремни услови“, рече Мате Римац, извршен директор на Rimac Group.

„Она што исто така сакавме да го постигнеме е да развиеме суперспортски автомобил кој може да вози и во него да ужива некој кој не е најискусниот возач. Наоѓање рамнотежа во создавање возбудливо, но безбедно возење погодно за возачот во автомобил со 1.914 КС со четири независни електрични моторите е нашата цел од првиот ден, а како што се приближува крајот на тестирањето, можам со сигурност да кажам дека токму тоа е постигнато со Nevera“, заклучи тој.