Научниците успеале да ги подмладат клетките на кожата на 53-годишна жена, така што тие изгледаат како оние на 23-годишна жена.
Покрај овој голем успех, научниците од Кембриџ веруваат дека можат да го направат истото и со другите ткива во телото. Крајната цел е да се развијат третмани за болести поврзани со возраста како што се дијабетес, срцеви заболувања и невролошки нарушувања.
Технологијата се заснова на техниките што се користени за клонираната овца Доли, експеримент спроведен пред повеќе од 25 години.
Водачот на тимот, проф. Волф Реик од Институтот Брабам во Кембриџ за Би-Би-Си изјави дека се надева дека техниката може да се искористи за да им се помогне на луѓето да живеат поздрав живот додека стареат.
„Сонувавме за вакви работи. Многу вообичаени болести се влошуваат со возраста, а помагањето на луѓето на овој начин е исклучително возбудливо“, рече тој.
Проф. Реик истакна дека истражувањето е во рана фаза и дека има неколку научни проблеми кои треба да се надминат пред да се пресели во лабораторија и клиника. Но, тој рече дека успехот во подмладувањето на клетките е клучен чекор напред.
Техниката датира од 1990-тите кога научниците од Институтот Рослин во близина на Единбург развија метод за претворање на млечната жлезда во ембрион, а тоа резултираше со „создавање“ на клонирана овца Доли.
Меѓутоа, целта не била да се клонираат овци или луѓе, туку да се користи техника за создавање таканаречени човечки ембрионски матични клетки. Тие се надеваа дека овие клетки би можеле да прераснат во специфични ткива како што се мускулите, ‘рскавицата и нервните клетки за да ги заменат „истрошените“ делови од човечкото тело.
Техниката Доли беше поедноставена во 2006 година од професорот Шинја Јаманака на Универзитетот Кјото. Новиот метод наречен IPS вклучуваше додавање хемикалии на возрасни клетки во период од 50 дена, што резултираше со генетски промени кои ги претворија „возрасните клетки“ во матични клетки.
Проф. Реик тврди дека некои од првите примени би можеле да бидат при развојот на лекови за подмладување на кожата кај постарите лица на деловите од телото каде што има исеченици или изгореници, со цел да се забрза заздравувањето. Научниците покажаа дека тоа во принцип е можно со тоа што покажаа дека подмладените клетки на кожата се движат побрзо во експериментите кои симулираат рана.
Следниот чекор е да се испита дали технологијата ќе влијае на другите ткива како што се мускулите, црниот дроб и крвните клетки.
Проф. Мелани Велхам, потпретседател на Истражувачкиот совет за биотехнологија и биолошки науки, кој делумно го финансираше истражувањето што доведе до клонирање на овцата Доли, изјави за BBC News дека клиничките придобивки од технологијата можеби не се далеку.
„Ако слични пристапи или нови терапии би можеле да ги подмладат имуните клетки, кои стануваат помалку активни во процесот на стареење, тогаш во иднина би можело да биде можно да се подобри човечкиот одговор на вакцинацијата, како и способноста за борба против инфекции“, рече таа.
Прашање е дали истражувањето ќе доведе до регенерација на целото тело, еликсир на младоста или апчиња против стареење. Проф. Реик тврди дека идејата не е недостапна.
„Техниката е користена за генетски модифицирани глувци и има знаци на подмладување. Едно истражување покажа знаци на подмладен панкреас, што е интересно поради потенцијалот во борбата против дијабетесот“, вели професорот.
Сепак, проф. Робин Ловел-Баџ од Институтот Крик во Лондон не верува дека ќе биде лесен процес на подмладување да се примени на други ткива или да се развие пилула против стареење и дека таквите техники би биле безбедни. Тој верува дека на другите клетки им се потребни различни услови кои би можеле да бидат тешки за контролирање и примена на целото тело на безбеден начин, па затоа техниката ја смета за чиста шпекулација.
Поврзани артикли