Американскиот поп-арт уметник Џеф Кунс најави нов проект во кој ќе создаде серија минијатурни скулптури поврзани со различни NFT, а потоа има намера да ги испрати на Месечината.

Скулптурите со уникатен дигитален NFT (незаменлив токен) од проектот наречен „Џеф Кунс: Фази на Месечината“ ќе бидат лансирани во вселената од вселенската станица ЏФ Кенеди во Кејп Канаверал подоцна оваа година, објави галеријата Пејс, која го претставува уметникот.

Скулптурите ќе бидат лансирани на Месечината во вселенското летало Nova-C Lunar Lander дизајнирано од Intuitive Machines и ќе бидат поставени во областа на Месечевото море. Таму ќе бидат „изложени“ во проѕирни коцки, а на Месечината ќе останат засекогаш.

Интересно е тоа што ова ќе биде првото авторизирано уметничко дело на површината на Месечината.

Незаменливите токени ќе бидат продадени, а приходите ќе бидат донирани на Лекари без граници.

Кунс рече дека неговата цел е да создаде „историски значаен NFT проект“ и објасни дека истражувањето на вселената претставува неограничен потенцијал за човештвото.

Проектот ја одбележува 50-годишнината од слетувањето на Аполо 17 во 1972 година, последната мисија со екипаж на Месечината.

Истражувањето на вселената ни даде перспектива да ги надминеме светските ограничувања, рече Кунс, најпознат во светот по огромните метални скулптури како „Балон куче“ и „Зајак“, што му ја донесе титулата најскап жив уметник, затоа што во 2019 година на аукција на Christie’ е продадена за дури 91 милион долари.

Новата технологија NFT (Non-Fungible Tokens) стана главна „стока“ на меѓународната уметничка сцена.