По бројните гласини дека Sony подготвува нова услуга за претплата, која би требало да биде слична на Xbox Game Pass на Microsoft, сега имаме официјални детали.
Sony претстави нов претплатнички сервис за PlayStation, за кој компанијата одлучи да продолжи да го користи PlayStation Plus брендирањето. PlayStation Plus беше официјално лансиран во 2010 година, беше неопходен за гејмерите кои сакаат да играат онлајн со други.
Со ажурираната верзија на услугата, Sony додаде нови сегменти за претплата кои ќе обезбедат дополнителни поволности, како што е пристап до библиотеката за игри, како и функцијата за стриминг.
Основното ниво на претплата на PlayStation Plus продолжува да им го нуди на играчите она што го имаа и претходно со нивната претплата за PlayStation Plus од 9,99 долари месечно. Тоа вклучува две игри што може да се преземаат месечно, попусти, складирање во облак и пристап до онлајн мултиплеер.
Сега постои и Extra ниво, кое нуди библиотека со до 400 игри за PlayStation 4 и PS5 што може да се преземат, а ова ниво на претплата чини 14,99 долари месечно. Конечно, тука е и Premium нивото, кое додава и можност за стриминг на игри преку услугата PlayStation Now. Можен е стриминг на игри на PS4, PS5 конзолите и на PC уредите, а сето тоа ќе чини 17,99 долари месечно.