Новото истражување на државниот универзитет Сао Паоло во Бразил покажува дека Ковид-19, дури и во поблага форма, може да го наруши функционирањето на автономниот нервен систем кој е задолжен за многу процеси во организмот.

Прележаниот вирус може да поттикне развој на кардиоваскуларни проблеми кои не се појавуваат до подоцнежните години во животот.

„Автономниот нервен систем ја контролира работата на срцето: активноста на симпатичниот нервен систем одржува повисок срцев ритам, додека парасимпатичната активност го намалува истиот. Ваквата состојба подоцна може да доведе до срцева дисфункција како аритмија“, објаснува професорот Фабио Сантос де Лира.

Симпатичниот нервен систем е одговорен за одговорот на телото на стрес, опасност и интензивен напор и го зголемува отчукувањето на срцето. Зголемувањето на отчукувањето се балансира до прифатливи граници од страна на парасимпатичниот нервен систем кој управува со секојдневните телесни функции како варење на храната, одмор и регенерација.

Истражувањето опфатило мажи и жени од 20 до 40 години кои биле позитивни на вирусот преку ПЦР тест помеѓу 15 и 180 дена пред анализите да бидат започнати, пренесува „Medical News Today“.

По исклучувањето на лицата со хронични незаразни болести, историја на пушење цигари, злоупотреба на дрога и земање антиинфламаторни лекови или антибиотици кои влијаат на автономниот нервен систем, финалната група се состоела од 9 жени и 11 мажи.

За да го проценат функционирањето на нивниот нервен систем, аналитичарите ја мереле варијабилноста на срцевиот ритам – мерка на варијација на времето помеѓу секое отчукување на срцето.

Ако варијабилноста е многу висока, автономниот нервен систем не функционира како што треба, со симпатичната и парасимпатичната активност во расчекор една со друга.

Истражувачите откриле дека дури и кај благите до умерени облици на Ковид-19, симпатичната активност се покачувала, додека парасимпатичната се намалувала.

Податоците исто така имплицираат дека водењето физички активен животен стил го доведува автономниот животен стил во подобра рамнотежа. Сепак, авторите на студијата сугерираат дека физичката активност може да биде збунувачки фактор бидејќи „разликите забележани при варијабилноста на срцевиот ритам може првенствено да биде модулирана од нивоата на физичка активност, а не од присуството на постковид синдром“.