Realme го претстави Realme GT Neo 3 телефонот, кој се издвојува од конкуренцијата по исклучителното брзо полнење. Благодарение на полначот базиран на UltraDart 150 W технологијата, батеријата на овој телефон, со капацитет од 4.500 mAh, може да се наполни до 50 проценти за само пет минути.
Ако го споредиме со Samsung S22 Ultra, на кој му се потребни 20 минути за истиот процент на полнење на батеријата, јасно е дека Realme GT Neo 3 е убедливо побрз во овој поглед и моментно е неприкосновен шампион во категоријата брзо полнење.
Секако, вакво нешто не би било возможно без обезбедување на различни системи за заштита од прегревање на батериите. Realme наведува дека има имплементирано дури 38 различни мерки за заштита, вклучително и следење на температурата, што не дозволува да биде повисока од 43°C. Производителот тврди и дека батеријата ќе задржи 80 проценти од капацитетот по 1.000 циклуси на полнење.
Realme GT Neo 3 доаѓа со MediaTek Dimensity 8100 чипсет, базиран на процесот на производство на TSMC од 5 nm. Телефонот има 6,7-инчен AMOLED дисплеј со освежување од 120 Hz, тројна задна камера (главна камера со сензор од 50 MP, ултраширока камера од 8 MP и макро сензор од 2 MP), 8 GB RAM и 256 GB простор за податоци.