Во јануари, 1992 година за првпат беа откриени егзопланети оддалечени 2.300 светлосни години од Земјата. Триесет години подоцна, NASA официјално потврди дека се пронајдени над 5.000 егзопланети.
Потрагата по планети надвор од нашиот сончев систем достигна голем праг. Имено, астрономите на NASA го потврдија откривањето на 5.000-та планета надвор од Сончевиот систем, со потенцијални стотина милијарди планети во нашата галаксија кои остануваат да бидат пронајдени.
Границата беше надминат оваа недела откако нова серија од 65 егзопланети беа потврдени од сигнали добиени од вселенскиот телескоп Kepler K2, со што вкупниот број на откриени егзопланети достигна 5.005. Меѓу нив е и новиот систем од пет мали планети кои кружат околу ѕвезда црвено џуџе позната како K2-384, на сличен начин како познатиот систем TRAPPIST-1. Најголем дел од останатите новооткриени планети се супер-Земји и мини-Нептуни, како и неколку светови со големина на Јупитер.
„Ова не е само бројка, секоја планета е нов свет и ние ништо не знаеме за нив“, вели астрономот Џеси Кристијансен од Научниот институт на НАСА за егзопланети.
Меѓу пронајдените планети има мали, карпести светови како Земјата, гасовити џинови многу поголеми од Јупитер. Постојат и супер-Земји, како и мини-Нептун планети. Има и планети кои тврдоглаво кружат околу колабирани остатоци од мртви ѕвезди.
Астрономите се согласни во едно, никој досега не очекувал дека ќе откриеме толку многу светови надвор од Сончевиот систем.