Во Кембриџ е отворена истражувачка лабораторија на мистериозен стартап, што работи на пронаоѓање технологија што може да го продолжи животниот век. Наводно, тој бил поддржан од Џеф Безос.

MIT Technology Review наведува дека стартапот Altos Labs се обидува да донесе експерти и им нуди годишна плата од околу 1 милион долари.

Исто така, се очекува да се отворат истражувачки центри во Јапонија и Сан Франциско. Нивната цел е да измислат технологија која може да ги подмлади клетките на животинското ткиво, што би требало да доведе до подолг животен век.

Се очекува научниците кои ќе се придружат на компанијата да истражат како стареат клетките и што може да се стори за да се смени тој процес.

Ова поле на науката претходно привлече милијардери, вклучувајќи ги ко-основачот на Google, Лери Пејџ и ко-основачот на PayPal, Питер Тил, кои финансираа компанија со седиште во Сан Франциско, наречена Unity Biotechnology.

Според MIT Technology Review, Altos Labs веќе ја добил поддршката од Јури Милнер и Џеф Безос. Канцеларијата на Безос не одговорила на барањата на списанието за коментар.

Руско-израелскиот милијардер Милнер преку портпаролот потврдил дека инвестирал пари во оваа компанија.

Altos Labs собра најмалку 270 милиони долари

Безос, исто така, инвестирал пари во „Unity Biotechnology“, чија цел е „да го продолжи периодот во кој едно лице не е оптоварено со болести што настануваат како резултат на стареење“.

MIT Technology Review тврди дека Altos Labs собрал најмалку 270 милиони американски долари од основањето кон крајот на минатата година.

Глобалниот пазар за технологии против стареење се очекува да надмине 271 милијарди долари до 2024 година.

Извор: Index.hr