Honor Magic 4 серијата импресионираше со своите перформанси и камерите, но цените на основниот и Pro моделот не се за сечиј џеб. Сепак, сега на пазарот пристигнува подостапниот Magic 4 Lite, кој ќе чини до 300 евра.
Magic 4 Lite ќе биде голем како и неговите браќа со 6,81-инчен LCD екран наместo OLED екран, а резолуцијата ќе биде нешто пониска и ќе изнесува 1080×2388 пиксели. Максималната фреквенција на освежување на дисплејот ќе изнесува 120Hz.
Задните камери ќе бидат сместени во кружен модул, а се работи за главна камера од 48MP, макро камера од 2MP и сензор за длабочина од 2MP. Однапред би требало да се наоѓа селфи камера од 16MP.
Наместо Snapdragon 8 Gen 1 процесор, Magic 4 Lite ќе го покренува Snapdragon 695, а уредот ќе користи Magic UI 6 интерфејс базиран на Android 11. Основниот модел ќе има 6GB RAM и 128GB простор за складирање, ќе има dual-SIM функција и ќе поддржува 5G мрежа, но нема да има microSD слотови.
Уредот ќе го напојува батерија од 4.800 mAh, како што е случај со поскапите модели, но во овој случај ќе поддржува 40W наместо полнење од 66W. Смартфонот ќе има димензии 166 x 76 x 8 мм и ќе тежи 189 грама. Ќе биде отпорен на мали количини на вода според IPX2 стандардот. Сензорот за отпечатоци ќе се наоѓа бочно.
Honor Magic 4 Lite ќе чини 300 евра или помалку, а се уште не е официјално објавено кога ќе биде претставен.