Директорот на Instagram, Адам Мосери потврди дека одлуката на Русија да ги блокира социјалните мрежи значи дека милиони Руси од понеделник ќе останат без пристап до оваа апликација Мета.
„Во понеделник Instagram ќе биде блокиран во Русија. Оваа одлука ќе отсече 80 милиони луѓе во Русија едни од други и остатокот од светот. Осумдесет проценти од луѓето во Русија следат профили на Instagram надвор од нивната земја. Ова е погрешно“, напиша Мосери на Twitter.
Во петокот, Роскомнадзор, руската федерална служба за контрола на комуникациите, информатичката технологија и медиумите, одлучи да го ограничи пристапот до Instagram од полноќ на 14 март.
Руското регулаторно тело објасни дека на активните корисници на Instagram им „треба време да ги прикачат своите фотографии и видеа на други социјални мрежи и да ги информираат своите следбеници“.
Роскомнадзор одлучи да го блокира Instagram поради пријавеното ширење говор на омраза против рускиот народ, вклучително и припадници на војската.
Претходно руското државно обвинителство побара компанијата Meta, во која спаѓаат Facebook, Instagram и WhatsApp, да се прогласи за екстремистичка организација и да и се забрани да работи во Русија.