Професионалните корисници кои сакаат да извлечат максимум од новиот компјутер и монитор на Apple ќе треба да издвојат дури 10.300 долари. 

Иако во пресрет на синоќешната презентација на Apple најмногу се зборуваше за новиот iPhone SE модел, најголемо внимание сепак привлече еден друг производ. Се работи за целосно нов модел нa Mac компјутер, кој повеќе изгледа како повисок Mac Mini, односно Mac mini за професионалци.

MAC STUDIO

Освен според дизајнот, Mac Studio е специфичен и по тоа што се работи за првиот компјутер на Apple што го покренува нивниот најнов и најмоќе чипсет. Компјутерот е достапен во две варијанти – една со M1 Max чип, а другата со споменатиот нов M1 Ultra чип.

Овој процесор е заснован на истата архитектура како и досегашната линија, што значи дека ги задржува високите перформанси со ниска потрошувачка на енергија. M1 Ultra користи два M1 Max процесори, споени во еден. Оваа меѓуповрзливост се нарекува UltraFusion, и досега беше присутна во моделот M1 Max, но скриена се до претставување на M1 Ultra.

Со поврзување на двата чипа со оваа технологија, тие се однесуваат како еден, без латенција во преносот на податоци помеѓу двата дела на процесорот и без потреба од прилагодување на апликациите за него. Чипот содржи 20 процесорски јадра, 64 јадра на графичкиот процесор, 32 нервни јадра, а севкупно неговите перформанси се седум пати побрзи од основниот М1 процесор. M1 Ultra е составен од вкупно 114 милијарди транзистори, и според Apple, се работу за најмоќниот, десктоп процесор кој некогаш бил направен за персонален компјутер.

Однадвор, Mac Studio изгледа како Mac mini на стероиди, сместен на квадрат со големина 20x20x9,3 см. Поголемиот дел од куќиштето се користи за тивко активно ладење на хардверот. На предната и задната страна се сите најкористени портови, читач на SD-картички и генерално сè што им е потребно на професионалците, со поддршка за до четири Apple Pro Display XDR екрани одеднаш.

Очекувано, цената на овој уред не е мала – таа започнува од почетните 1.999 долари за верзијата со M1 Max или дури 3.999 долари за онаа со M1 Ultra процесор..

STUDIO DISPLAY

Заедно со професионалниот студиски компјутер доаѓа и нов, посебен професионален монитор – 27-инчен Studio Display. Во тенкото алуминиумско тело слично на iMac се наоѓа 5K Retina дисплеј со 14,7 милиони пиксели, со поддршка за прикажување преку милијарда бои и True Tone технологија. Овој монитор вклучува и A13 Bionic чип, познат од iPhone 11 линијата, како и напредни камери, шест Spatial Audio звучници и три микрофони.

За поврзување има 3 USB-C порт и еден Thunderbolt приклучок, за пренос на податоци и слика. Цената на овој монитор изнесува 1599 долари, но и него можете да го надградите. Ако изберете сталак со подесување на висината ќе мора да се доплатат 400 долари, додека верзијата со Нано стакло кое го намалува отсјајот чини 700 долари повеќе, односно 2300 долари. Двата уреда ќе бидат достапни на американскиот пазар од 18. март.