Извршниот директор на Space X, Елон Маск, предупреди дека има големи шанси неговите широкопојасни сателити Starlink, кои тој им ги испрати на Украинците да имаат пристап до интернет, да бидат цел на напад.

„Важно предупредување: Starlink е единствениот неруски комуникациски систем кој сè уште работи во некои делови на Украина, така што најверојатно ќе биде цел. Користете го со претпазливост“, напиша Маск на Твитер.

Маск ги советуваше корисниците да стават лесна камуфлажа над антената за да избегнат визуелно откривање на Starlink, како и да ја вклучат само кога е потребно, пренесува Би-Би-Си.

Да потсетиме, во саботата, Маск рече дека Starlink е активиран во Украина и дека Space X испраќа повеќе терминали во земјата, одговарајќи на твитот од официјален претставник на украинската влада кој побара од Маск да и обезбеди сателити Starlink на Украина. Украина во понеделникот објави дека ги добила сателитите Starlink како подарок.