Во последниве години компаниите Jacob & Co и Bugatti соработуваа за да произведат низа уникатни часовници инспирирани од суперавтомобилот Chiron, а сега имаат нова креација.

Станува збор за часовник наречен Bugatti Chiron Blue Sapphire Crystal, кој има многу сличности со други слични часовници, има целосно функционална реплика на 8,0-литарскиот Quad-turbo W16 мотор на Chiron чии клипови всушност работат додека турбополначите се вртат.

Разликата е во тоа што куќиштето на новиот часовник е целосно направено од кристал од сафир, за што била потребна неколкумесечна обработка на материјалот, машини на високо ниво и рачно полирање. Потоа сафирот е обоен во нијанса на сина боја.

Задниот дел открива околу 578 рачно украсени и склопени компоненти кои го сочинуваат механизмот на часовникот, а при неговото производство биле користени 51 скапоцен камен, што се гледа и од задната страна. Други детали за часовникот го вклучуваат очекуваниот мерач на време инспириран од мерачот за гориво на Chiron, како и три сафирни круни.

Дел од часовникот е и Jacob & Co „Shock Protection System“, односно систем за заштита од падови и удари, украси од 18-каратно злато, гумена нараквица и тока исто така од 18-каратно злато. Досега е направен само еден примерок во кој се потрошени 120 часа работа и тоа само за изработка на куќиштето.

Цената на овој часовник е 1,5 милиони долари, додека за „обичната“ верзија без скапоцени камења потребно е да се издвојат 280.000 долари.

Извор: Klix.ba