Во август 2020 година, Apple поднесе патентна пријава за Magic Keyboard, тастатура која содржи комплетен Mac компјутер, а оваа информација излезе на виделина во текот на оваа недела. Овој концепт има основна идеја корисникот да може да ја земе тастатурата/компјутерот со себе и да ја прикачи на кој било монитор и на тој начин да добие еден вид десктоп компјутер. Таквата тастатура може да има и интегриран тракпад, за да се избегне потребата од носење глувче.
Во суштина, ова би бил пренослив десктоп компјутер, сличен на моделот Mac mini. Се работи за самостоен компјутер кој би имал само кабли за поврзување со мониторот и за напојување. Сепак, ова не е ништо ново – во ерата на домашните компјутери, тоа беше вообичаено решение. Решението на Apple се разликува од Commodore 64, Amiga, Atari ST и слични компјутери по тоа што сега пакува понов хардвер и дополнителни функционалности кои не постоеле во тоа време, а се наведува дека целиот компјутер би бил дизајниран за лесна преносливост. Apple го дефинираше како компјутер од висока класа кој ќе биде доволно моќен за секоја сериозна работа и лесен и доволно мал да се носи без никаков напор.
Во пријавата за патентот се споменува и дека металното куќиште на тастатурата би играло и улога на пасивен ладилник, кој би ја исфрлал топлината од процесорот. Засега нема индикации дали овој компјутер ќе остане на ниво на патент или Apple во одреден момент ќе одлучи да го произведе.