Големите производители на чипови истакнуваат дека засега очекуваат ограничен прекин на синџирот на снабдување поради конфликтот меѓу Русија и Украина.

Се сугерира дека краткотрајно не би требало да има големи проблеми бидејќи моментно се акумулираат залихите на компонентите, а производството е диверзифицирано, но некои извори од индустријата велат дека може долго време да има проблеми.

Украина обезбедува повеќе од 90 проценти од неонот за производителите на полупроводници во Соединетите американски држави. Неонот е од суштинско значење за ласерите кои се користат во производството на чипови. Покрај тоа, 35 проценти од американскиот паладиум, кој се користи во меморијата и сензорите, доаѓа од Русија.

„Производителите на чипови не се директно погодени, но компаниите што ги снабдуваат со полупроводнички материјали купуваат гасови и метали (вклучувајќи неон и паладиум) од Русија и Украина. Достапноста на овие материјали е веќе мала, така што секој друг притисок врз залихите може да доведе до зголемување на цените на чиповите“, истакна анонимен извор за Ројтерс.

Добрата вест е што компаниите сега се подобро подготвени за потенцијални проблеми и прекини во снабдувањето на пазарот, а тоа треба да го намали потенцијалното влијание на кризата.

Кога станува збор за големите производители на чипови како што се Intel, TSMC, SK Hynix и други, тие за Reuters изјавија дека засега нема причина за загриженост. Останатите компании посочуваат дека за набавка на материјали ќе мора да се обратат до други извори, доколку кризата продолжи.