Студенти од Универзитетот во сибирскиот град Томск ќе го испратат првиот хрчак-космонаут на светот во вселената. Се работи за хрчакот по име Хомка, пренесуваат руските медиуми.
Целиот настан ќе се одвива во рамките на студентскиот бизнис-инкубатор на Томскиот државен универзитет за системи на управување и радиоелектроника што го водат Никита Чебан и Марк Рудаков. Како што е планирано, хрчакот ќе се упати во вселената оваа есен. Доколку никој претходно не испрати некој друг хрчак во вселената, Хомка ќе биде првиот космонаут од својот вид.
„Имаме специјални програми кои овозможуваат уште сега да го одредиме точното место на приземјување со прецизност до пет километри. А тоа значи дека сигурно ќе го вратиме Хомка“, вели Никита Чебан, еден од иницијаторите на проектот.
Хрчакот ќе биде подигнат со стратосферски балон на висина од 30 километри. Летот ќе трае околу 90 минути, а животното ќе се наоѓа во капсула со атмосферски притисок вообичаен за него.
Извор: Russia Beyond