Роботите не се, ниту пак некогаш ќе бидат проблем за општеството, смета футуристот Матијас Хоркс, основач на германскиот аналитички центар Цукунфтшфоршунг.

– Проблемот е нашиот страв, комплексот на пониска вредност, и тоа што на роботите им даваме човечки лица и натчовечки својства. Најавите за период на хипермедиумско општество не ја отсликуваат иднината, туку пред се нашите стравови и нашата внатрешна несигурност, нагласува Хоркс.

Според него, новите пазари, услуги, побарувачка, понуди и нови дополнителни вредности се појавуваат со развивањето на роботите и потенцираше дека во најавтоматизираните земји, како Канада, Јапонија или Германија, невработеноста е најмала.

– Вештачката интелигенција, уверен сум, ќе им помага на луѓето во обавувањето секојдневни работи. Во наредните 10-15 години ќе имаме речиси целосно автоматизирани возила. А, кога ќе станат вообичаена појава, ќе се прашуваме – зошто сме чекале толку долго, предвидува Хоркс.