Купувачите од САД веќе се информирани за немилиот настан поради кој нема навремено да им бидат испорачани нивните скапо платени автомобили

Ниту неколку часа откако бил испратен повикот за помош од бродот Felicity Ace, не се знаела судбината на бродот и работите на него. По последната вест, според која хеликоптер на португалската морнарица спасил и евакуирал на безбедно 22 члена од екипажот, бродот, очигледно, бил оставен на судбината и пожарот што го зафатил.

Во меѓувреме не можеше да се дознае причината за пожарот, но сега точно се знае што превезувал бродот. На бродот долг 200 метри имало дури 2.500 автомобили, од кои дури 1.100 со значката на Porsche.

„Голем број наши автомобили се меѓу товарот. Во контакт сме со сопственикот на бродот и деталите за автомобилите на бродот се познати. Дилерите ќе ги информираат клиентите погодени од овој инцидент”, изјавил портпаролот на Porsche, Лук Вандезанде.

Вандазанде потврдил дека на бродот имало 1.100 примероци на Porsche автомобили, од вкупно 2.500 и ги советува сите клиенти да се обратат до домашните застапништва за да добијат точни и навремени информации.

VWVortex.com објави дека овој брод веќе подолго време превезува автомобили од групацијата VW. Исто така, многу купувачи на моделот ID.4 на Volkswagen велат дека достапните информации сугерираат дека нивните автомобили се токму на тој брод.

Како потсетување, Felicity Ace испловил од Емден во Германија, а требало да пристигне на Род Ајленд во САД на 23 февруари. СОС сигналот бил испратен рано наутро вчера од област недалеку од островот Фајал на Азорските Острови. Португалската морнарица и четири блиски товарни бродови пристигнале да му помогнат на бродот среде Атлантикот. Се претпоставува дека бродот ќе биде одвлечен до најблиското пристаниште, а потоа ќе оди на отпис заедно со товарот.

Причината за пожарот не е позната, но загрижувачката информација е дека екипажот не успеал да го изгаси пожарот со опремата со која се располагало на бродот. Затоа многумина претпоставуваат дека пожарот не можело да се изгасне.

Ова не е прва ваква несреќа на брод што превезува возила од групацијата VW. Во 2019 година, во близина на брегот на Бразил, пожар го зафатил бродот Grande America со над 2.000 примероци од Audi и Porsche. Бродот превезувал и четири специјални Porsche 911 GT2 RS единици кои биле уништени во пожарот. Porsche тогаш не се решил за финансиско обештетување на клиентите, туку го рестартирал производството и склопил нови четири примероци.