Министерството за образование и наука и другите надлежни институции во областа на образованието, градоначалници и претставници на локалните самоуправи, бизнис секторот, претставници на средните стручни училишта и меѓународни организации, денеска го започнуваат социјалниот дијалог насловен „Учи паметно работи стручно“ за унапредување на средното стручно образование.
На заедничка средба во хотелот Алексадар Палас, на која ќе учествува и министерот Јетон Шаќири, ќе се разговара за креирање на уписната политика за учебната 2022-2023 година и унапредување на средното стручно образование, соопшти МОН.
Преку дијалогот ќе се утврдат потребите на општините и бизнис заедницата од стручен кадар, а нивните сугестии и предлози ќе помогнат за воведување на соодветни стручни профили во средните училишта и за дизајнирање на наставните програми. Од компаниите се очекува и интерес за учество во реализација на практичната настава за учениците во компании.
Социјалниот дијалог „Учи паметно работи стручно“ се спроведува заедно со проектот „Образование за вработување во Северна Македонија – Е4Е@мк“ финансиран од Амбасадата на Швајцарија во Скопје.