На дното на централниот дел на Арктичкиот Океан, кој е покриен со мраз и далеку од кој било брег, многу е тешко да се најде извор на храна. Кога научниците во областа собираат примероци од јадрото на морското дно, тие обично извлекуваат куп кал што содржи само неколку организми видливи со голо око.

Но, во 2011 година, во еден примерок пронајдоа нешто што наликува на морска „поларна мечка“, како што го опиша тоа суштество студентката која го забележа.

„Она што изгледаше како бело крзно всушност беше дел од сунѓер. На секој квадратен километар во оваа област можете да најдете по еден сунѓер. Така, мислевме дека е голема случајност што наидовме на ова животно“, рече морскиот биолог Антје Боетиус, од Германски институт Алфред Вегенер.

Кога научниците се вратија на истото место со светла и камери во 2016 година, пронајдоа област на врвот на изгаснат подморски вулкан кој речиси целосно беше покриен со сунѓери. Експертите биле шокирани бидејќи не знаеле што би можело да се хранат овие суштества, пишува National Geographic.

Се покажа дека морските сунѓери се „гостат“ со фосилизираните остатоци од поранешната колонија на цевчести црви; што значи дека ова е првпат да се најде животно кое се храни со фосили. Имено, сунѓерите се многу едноставни, но успешни животни. Немаат мускули, нерви, органи. Но, тие имаат една особина која им помага да се прилагодат и да преживеат во широк опсег на средини – се потпираат на микроби.

Тие се домаќини на различни заедници на микроби во нивните шупливи тела, како што се бактерии, микроалги и археи. Овие микроби можат значително да придонесат за метаболизмот на нивниот домаќин; што се покажа дека е случај и со овие арктички сунѓери.

Симбиоза со бактерии

Повеќето сунѓери во Лангсет Риџ се бактериски сунѓери, или значителен процент од нивната микробна популација се бактерии. Се покажа дека бактериите кои ги населуваат овие сунѓери се клучни за нивната чудна исхрана.

Некогаш, пред илјадници години, овие вулкански подводни планини биле активни. Ваквите хидротермални региони го олеснуваат развојот на екосистемот, дури и во темни, ладни води, што резултира со колонии на цевчести црви.

Кога подморските планини станале неактивни и се изладиле, околните екосистеми изумреле, оставајќи ги зад себе нивните фосилни остатоци. И сунѓерите сега можат да се хранат со нив со помош на нивните микроби, според Science Alert.

„Навистина е неверојатно што овие сунѓери користат извори на храна кои не се сварливи од други организми. Тоа го потврдуваат претходните наоди дека симбиозата со бактериите овозможува голема флексибилност во набавката на храна“, вели морскиот еколог Џаспер де Гои од Универзитетот во Амстердам.

Бебиња сунѓери

Прашањето е како сунѓерите, кои се чини дека речиси воопшто не се движат, успеале да стигнат до оваа „гозба“ со фосилизирани црви во оваа област. Морскиот биолог Аутун Пурсер, од германскиот институт Алфред Вегенер, верува дека тие пристигнале на местото како ларви.

„Има колонии на слични сунѓери во јужните норвешки води, па можно е ларвите да дошле оттаму. Некои од нив се заглавиле на врвот и неочекувано пронашле многу храна“, вели Персер.

Бидејќи сунѓерите поминувале многу време хранејќи се со фосили од тубуларни црви, веројатно се размножувале симбиотските бактерии за да им помогнат на нивното варење. Возрасните сунѓери потоа го пренеле овој високо адаптиран микробиом на следната генерација, откако „произлегле“ нови генетски идентични сунѓери од нивните тела.

Сунѓерите можат да се размножуваат и сексуално, но ларвите можат да бидат однесени од морските струи, што може да биде фактор на ризик доколку живеете во негостопримлива област.

Студијата Giant sponge grounds of Central Arctic seamounts are associated with extinct seep life е објавена во списанието Nature Communications.

Извор: Index.hr