Научниците процениле дека на Земјата има многу повеќе видови дрвја отколку што се сега познати и дека допрва треба да се откријат повеќе од 9.000 видови, покажува студијата.

„Одредувањето на бројот на видови дрвја е важно за да се оптимизираат и планираат напорите за зачувување на планетата“, се вели во студијата објавена во списанието на Националната академија на науките на САД, во која учествуваа десетици научници.

До денес се наведени околу 64.100 видови дрвја.

Но, истражувањето кое се потпира на покомплетна база на податоци и понапреден статистички метод покажува дека нивниот вкупен број е околу 73.300 или 14 отсто повеќе.

Тоа значи дека сè уште не се откриени околу 9.200 видови.

Севкупно, околу 43 отсто од сите видови се во Јужна Америка, по што следат Евроазија (22 отсто), Африка (16 отсто), Северна Америка (15 отсто) и Океанија (11 отсто), се вели во студијата.

Половина до две третини од сите познати видови се во тропските и суптропските дождовни шуми на пет континенти, проценуваат научниците.

Јужна Америка има најмногу ендемични видови (49 проценти), кои се присутни само на тој континент.

„Загубата на шумски површини со ретки видови ќе има директни, а можеби и долгорочни последици за разновидноста на видовите на глобално ниво“, посочуваат тие.