Роботот наречен STAR направи операции на животни со минимална човечка помош.
Станува збор за Smart Tissue Autonomous Robot или скратено STAR, кој успешно изврши лапароскопска операција на четири свињи и успешно ги поврза двата краја на црева. Ова е прва ваква успешна операција изведена од робот.
Истражувачите од Универзитетот Џон Хопкинс рекоа дека роботот ја извршувал операцијата главно сам и дека овие тестови може да доведат до поширока употреба на роботот за операции на луѓе.
Роботот стави вкупно 86 конци, работеше сам две третини од времето, а во останатото време му помагаше човек со рачно водење на машината.
Пост-хируршката проверка на конците покажа дека STAR „постигна значително подобри резултати од луѓе што ја вршат истата процедура“.
Оваа операција е чекор понапред од тестирањето во 2016 година кога роботот го извлекол цревото на животното од телото пред да биде сошиено, но овојпат роботот извршил шиење внатре во стомакот преку мал отвор. Овој тип на операција е поголем предизвик бидејќи органите не се стационирани, туку се движат ритмички. Најмало движење на раката или неправилно поставен конец може да доведе до протекување и потенцијално катастрофални последици за пациентот.
Користениот софтвер му овозможува на STAR да планира, приспособува и извршува хируршки план во реално време, исто како човечки хирург. Оваа способност е особено важна при операција на меко ткиво.
Тестирањето е првиот нов чекор кон автономните човечки роботски операции, а истражувачите планираат да го „научат“ роботот да изведува поголеми делови од операцијата додека не научи сам да ја изврши целата постапка, од почеток до крај. Тие веруваат дека за пет години ќе може да се направат првите тестови на луѓе.
Извор: Klix.ba