Lenovo го подготвува својот нов гејмерски телефон, а сега се појавија и комплетните спецификации на претстојниот уред.
Гејмерскиот телефон Lenovo Legion Y90 и претходно се појавуваше како дел од разни вести и гласини, а сега ги добивме најдостапните информации за уредот.
Автентичноста на достапните податоци не е позната, но дојавувачот @Pandaisbald има добра репутација кога станува збор за претходни сознанија за дотогаш необјавени уреди.
Без премногу изненадувања, Legion Y90 ќе користи чипсет Snapdragon 8 Gen 1. Во комбинација со споменатиот чип, пристигнуваат 18 GB RAM, која може да се прошири до 22 GB со помош на динамична RAM екстензија на Android.
Се споменуваат и 640 GB простор за складирање податоци, што ќе биде овозможено со комбинирање на дискови од 512 GB и 128 GB.
Дисплејот треба да биде Samsung E4 AMOLED, со големина од 6,92 инчи и со стапка на освежување од 144 Hz. На полето на камерите се очекуваат 44MP селфи камера напред, како и 64MP главна камера на задната страна и 16MP ултраширока камера.
Достапните информации спомнуваат и надградено решение за ладење, како и постоење на физички тастери, кои би можеле да бидат шест (во споредба со четири како што имаше Legion 2 Pro).
Гејмерскиот Lenovo Legion Y90 се очекува да биде претставен во февруари.