Омикрон варијантата на коронавирус може да преживее подолго од претходните соеви на вирусот на пластични површини и на човечка кожа, покажа новото истражување на јапонските научници.

Студијата направена од тим од Медицинскиот универзитет во Кјото, која сè уште не е рецензирана, по серија лабораториски тестови покажа дека новите варијанти преживеале многу подолго од оригиналниот вид.

Тие заклучија дека високата „еколошка стабилност“ на омикрон – неговата способност да остане заразен – особено можела да помогне да се замени делтата како доминантна варијанта и да се шири побрзо.

„Нашето истражување покажа дека алфа, бета, делта и омикрон варијантите на пластичните површини и кожата покажаа повеќе од двојно повеќе време на преживување од сојот од Вухан и одржуваа инфективност повеќе од 16 часа на површината на кожата“, напишаа авторите на студијата.

На пластичните површини просечното време на преживување на оригиналниот сој и варијантите алфа, бета, гама и делта изнесува 56 часа, 191,3 часа, 156,6 часа, 59,3 часа и 114 часа.

На примероците на кожа на починати просечното време на преживување на вирусот беше 8,6 часа за оригиналната верзија, 19,6 часа за алфа, 19,1 часа за бета, 11 часа за гама, 16,8 часа за делта и 21,1 часа за варијантата омикрон.

„Оваа студија покажа дека варијантата омикрон, исто така, има најголема стабилност, што сугерира дека тоа би можело да биде еден од факторите што ѝ овозможиле на варијантата да ја замени делтата и брзо да се прошири“, напишаа авторите.

Омикрон останува главна грижа ширум светот и сега е присутен во сите земји на ЕУ и стана доминантна варијанта во повеќето земји-членки, според Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ЕЦДЦ).

Земјите во кои најголем процент на нови случаи е припишан на омикрон преку секвенционирање се Финска (99,9%), Белгија (99,7%), Малта (99,3%) и Данска (98,8%).