Финскиот производител на телекомуникациска опрема Nokia ја објави својата прва прогноза за 2022. година, намалувајќи ја загриженоста на инвеститорите за влијанието што глобалниот недостиг на чипови може да го има врз неговото работење.
Nokia објави дека очекува споредлива оперативна маржа од 11-13,5% за 2022-ра година. Веста ја зголеми цената на нејзината акција за 2,8% за време на утринското тргување.
„Прогнозата покажува дека деловниот пресврт добро напредува и не се очекува корекција од инфлацијата на трошоците и недостигот на компоненти“, изјави аналитичарот на „Inderes“, Ате Рикола.
Компанијата, исто така, рече дека очекува да ја надмине својата прогноза за профит во 2021-ва година благодарение на нејзините ризични инвестиции.
Nokia проценува дека нејзината годишна споредлива оперативна маржа е 12,4-12,6%, што ја надминува претходната прогноза од 10-12%. Исто така, проценува дека нејзиниот нето приход од продажба за периодот е помеѓу 21,7 милијарди евра и 22,7 милијарди евра, што спаѓа во претходно објавениот опсег.
Гигантот посочува дека во четвртиот квартал неговата основна дејност во голема мера се одвивала според очекувањата.
„Сепак, оперативната добивка на другиот бизнис беше повисока од очекуваната, вклучително и дополнителен придонес од инвестициите во хеџ фондови, што доведе до силна споредлива оперативна маржа, надминувајќи ја прогнозата за 2021. година“, се вели во соопштението на компанијата.
Nokia сега очекува нејзиниот приход во четвртиот квартал да биде 6,4 милијарди евра, што е под прогнозата од 6,5 милијарди евра.
Компанијата треба да ги објави целосните финансиски извештаи на 3. февруари.
Извор: Benchmark.rs