Лондонската стартап компанија Bellwether Industries објави снимка од првиот лет на својот прототип на летечки автомобил Volar. Компанијата смета дека луѓето ќе патуваат со летечки автомобили во следните десет години.
Британската компанија не открива многу во однос на спецификациите кога е во прашање намалениот модел под кодно име „антилопа“. Сепак, минатиот месец беше објавено дека Bellwether извршил најмалку осум пробни летови на прототипот и дека компанијата има намера да го лансира својот eVTOL авион како приватно возило до 2028 година.
Од британската компанија велат дека нејзиниот модел Volar ќе може да лета на надморска височина од околу 1.000 метри, достигнувајќи брзина од 217 км/ч. Се очекува батеријата да трае приближно 90 минути, што е слично на моделите на летечки такси во изработка, како што е eVTOL авионот на Lilium.
Сè уште е потребна многу работа на прототипот на Bellwether, па дури и летечките такси компании како Volocopter сè уште треба да работат на добивање сертификат за лет пред да можат да ги подготват своите услуги за планираниот датум на лансирање во 2023 година.