Сонот на Eлон Маск да оди на Марс би можел да биде чекор поблиску до реализација оваа година, кога неговата компанија Space-X за првпат ќе ја лансира во орбитата ракетата Starship.

Space X веќе изведе неколку суборбитални пробни летови, а Маск се надева дека првиот орбитален лет, кој ќе го изведе Starship SN20 ќе биде во јануари.

„Постои голем ризик во врска со ова прво лансирање, така што не сум убеден дека веројатно сè ќе биде успешно, но сигурно ќе направиме голем напредок“, рече Маск на форумот на вселенските научници во ноември.

Возилото е двостепена ракета, долниот дел е моќен засилувач наречен Super Heavy, а на врвот има 50-метарско летало наречено „Starship“ и сето тоа заедно ја прави ракетата долга 120 метри.

Space-X разви сопствен мотор наречен Raptor и такви 29 ќе бидат придвижувани од Super Heavy, додека Starship ќе има шест, а сето тоа заедно би требало да биде доволно за да пренесе 100 тони товар во вселената.

„Starship ќе биде транспортен систем за повеќекратна употреба, што во теорија го прави поевтин“, изјави за Би-Би-Си Симион Барбер, виш соработник на Отворениот универзитет во Лондон, кој го поминал својот работен век развивајќи инструменти за работа во вселената.

Тој објасни дека желбата на Space X во иднина да го надополнува леталото со гориво во орбитата на Земјата, каде што веќе е ослободена од планетарна гравитација и каде секој литар гориво може да се користи за транспорт на товар или луѓе до Марс, а и еден од плановите е полнење гориво за враќање на Земјата да се прави на Марс.

„Според мое мислење, ова би била вистинска промена во пристапот, тоа е начин да се движите низ Сончевиот систем без да влечете огромен резервоар за гориво зад себе“, заклучува Барбер.