Јапонски тим на научници објави дека се блиску до создавање вакцина што ќе ги уништува таканаречените „зомби“ клетки, чиј број се зголемува со возраста и кои влијаат на околните клетки, што доведува до нарушувања поврзани со стареењето, вклучително и помалку еластични артерии.
Студијата спроведена од професорот од Универзитетот Јунтендо, Тору Минамино и неговиот тим, покажа дека вакцинираните глувци имаат пониски нивоа на „зомби“ клетки, или клетки кои стареат.
„Можеме да очекуваме дека вакцината ќе биде применлива за третман на артериска вкочанетост, дијабетес и други болести поврзани со стареењето“, вели Минамино.
Остарените клетки престанаа да се делат, но не умреа. Наместо тоа, тие предизвикуваат воспалителни процеси со ослободување на хемикалии кои ги оштетуваат соседните здрави клетки.
„Старите клетки лачат хемикалии кои ја попречуваат функцијата на ткивото“, вели д-р Салвадор Матип, раководител на Лабораторијата за рак и механизми за стареење на Универзитетот во Лестер.
„Теоретски, овие стари клетки го „покануваат“ имунолошкиот систем да ги исчисти, но на крајот тоа не успева и се создава хронично воспаление на ниско ниво, измешано со фиброза“, објаснува д-р Матип.
Истражувачите откриле протеин кој доминира во старите клетки и кај глувците и кај луѓето. Тие развија пептидна вакцина базирана на една од аминокиселините на протеинот. Вакцината поттикнува производство на антитела, кои се врзуваат за старите клетки, а потоа ги елиминираат со белите крвни зрнца кои се лепат на антителата.
„Биолошкиот процес на стареење е многу сложен, така што е малку веројатно дека една единствена стратегија целосно ќе го запре или смени. Сепак, веројатно постојат многу начини да се забави, а чистењето на остарените клетки се чини дека е еден од најлесните и потенцијално најефикасните“, смета докторот.
Во лабораториско тестирање, Матип открил дека намалувањето на нивото на стареењето на клетките го продолжува животниот век на глувците за 15 проценти. Други слични тестови, тврди тој, откриле зголемување од 35 проценти.
„Ова е многу интересно прашање за кое се уште не сме се договориле. „Некои веруваат дека постои „тешка“ граница за времетраењето на човечкиот живот (околу 130 години е сегашната проценка), додека други веруваат дека постојат теоретски претпоставки дека бесмртноста е остварлив потфат“, вели д-р Матип.
„Се уште не утврдивме колку долго може да се продолжи животот и дали има лимит или не“.
Сепак, како што додава професорот, решението не е далеку.
„Полето на истражување на методите против стареење напредува многу брзо. Имаше многу клучни откритија во последната деценија. Личноста која ќе ја испие првата пилула против стареење веројатно е веќе родена“, тврди д-р Салвадор Матип.