Студијата спроведена на престижниот Кралски колеџ во Лондон посочува дека омикрон, кој брзо се шири, носи малку помал ризик од хоспитализација за разлика од делта-сојот.

За лицата заразени со омикрон, веројатноста за хоспитализација е за 15-20 отсто помала отколку за оние заразени со делта-сојот на коронавирус, покажаа резултатите од студијата.

Според истата студија, луѓето заразени со омикрон имаат 40-45 отсто помали шанси да ја поминат ноќта во болница од оние заразени со делта.

Ризикот од хоспитализација е сличен за оние со омикрон и делта под услов да имаат примено најмалку две дози од вакцината, покажа истражувањето.

Но, ризикот од хоспитализација е поголем за оние што не примиле ниту една доза од вакцината, велат истражувачите во студијата.

– Нашата анализа покажува докази за умерено намалување на ризикот од хоспитализација со варијантата омикрон, но не и со делта-варијантата – рече професорот Нил Фергусон од Кралскиот колеџ.

– Сепак, ова намалување на ризикот се чини дека ја поништува намалената ефикасност на вакцините против инфекција со омикрон – додаде Фергусон, кој предупреди дека големиот број инфекции со омикрон може да доведат до зголемени барања за здравствени услуги.

– Иако ризикот од хоспитализација за луѓето инфицирани со омикрон е намален, што се охрабрувачки вести, ризикот од инфекција сè уште е екстремно висок. Со употребата на дополнителни дози, вакцините остануваат најдобра заштита од инфекција и хоспитализација – рече Азра Гани, коавторот на студијата.

Извор: B92.net