Сојот омикрон е помалку ефикасен во нападот на белите дробови за разлика од претходните соеви на коронавирус, покажуваат резултатите од британското истражување.

Студијата на Институтот за тераписка имунологија и инфективни болести на Кембриџ заклучила дека мутациите на шилестиот протеин кои му овозможуваат на сојот да ги избегне антителата, исто така можат да го ограничат начинот на кој вирусот се реплицира во белите дробови и предизвикува тешка болест.

„Ваквите наоди нагласуваат дека омикронот развил способност да го избегне имунолошкиот систем, но во истовреме неговата способност да се реплицира и неговата патогеност се компромитирани“, се наведува во текстот на студијата.

Водичот на истражувањето, Рави Гупта, професор по клиничка микробиологија на Кембриџ вели дека пред научниците и понатаму постојат предизвици, и покрај навидум позитивните наоди.

„Накратко, овој труд сугерира дека веројатно омикронот станал поотпорен на имунитетот, но неговите својства поврзани со прогресијата на болеста можат во извесна мера да бидат ослабнати. Значителниот раст и ширењето на омикронот сепак претставува голем предизвик за јавното здравје“, вели Гупта.

Медицинската советодавна група во земјата, „SAGE“ соопштила дека „речиси сигурно е дека во Англија постојат стотина илјади нови инфекции на омикрон дневно“, што ги поттикнува размислувањата да бидат воведени построги рестриктивни мерки по Божиќ.