Урсула фон дер Лајен соопштила дека експертите предупредуваат дека веќе во јануари омикрон сојот би можел да стане доминантна варијанта на коронавирус во ЕУ.
Таа потоа додала дека е сигурна дека членките ќе успеат да го пребродат новиот бран поради тоа што 66 отсто од граѓаните на ЕУ се целосно вакцинирани.
„Како вас, така и јас сум тажна што и овој Божиќ ќе биде во сенка на коронавирусот“, изјавила таа.
Омикрон сојот кој првпат беше откриен во Јужна Африка, научниците го окарактеризираа како потенцијално позаразна варијанта која се шири побрзо од делта сојот.
Европскиот центар за контрола и превенција на болести предупреди дека вакцината можеби нема да биде делотворна во превенција против оваа варијанта.
Докторката Андреа Амон, директорка на Јавната здравствена агенција, соопштила дека е извесно дека тоа ќе доведе до ширење на инфекцијата на коронавирусот.
„Многу е извесно дека ќе има пораст на случаите на омикрон сојот, а дека тоа ќе доведе до пораст на бројот на хоспитализирани и починати“, изјавила докторката.
Таа ги повикала државите да се здружат за да се намали трансмисијата на вирусот и да се ублажи товарот врз здравствениот систем.
Омикрон би можел да го оптовари здравствениот систем
Експертите од СЗО предупредија дека омикрон варијантата на коронавирусот се шири побрзо од претходните и ги повикаа државите ширум светот да ги користат сите расположливи механизми во борбата против пандемијата.
„Мора да бидеме многу јасни, само вакцините нема да помогнат во ниту една земја истата да се спаси од оваа криза“, изјавил директорот на СЗО Тедрос Гебрејесус.
„Мораме да ги употребиме сите расположливи мерки, маски, социјална дистанца, вакцинација и дезинфекција на рацете“, додал тој, пренесува „Euro News“.
Тој исто така уште еднаш укажал на проблемот на нееднаквост по прашање достапноста на вакцината затоа што многу сиромашни земји сè уште не почнале со вакцинација на своите државјани.
„СЗО не е против бустер дозата. Ние сме против нееднаква вакцинација“, изјавил директорот на СЗО.
Гебрејесус додал дека давањето бустер доза на оние кои се во низок ризик од вирусот ќе ги доведе во опасност животите на оние кои се во висок ризик од развивање тешка клиничка слика, а сè уште не примиле ниту една доза од вакцината.
Omicron is spreading at a rate we have not seen with any previous variant. I need to be very clear: vaccines alone will not get any country out of this crisis.
It’s not vaccines instead of masks, distancing, ventilation or hand hygiene.
Do it all. Do it consistently. Do it well. pic.twitter.com/YAVfJXsviQ— Tedros Adhanom Ghebreyesus (@DrTedros) December 14, 2021
Тој додал и дека 41 земја сè уште не успеала да вакцинира ниту 10 отсто од жителите, а во 98 земји не се достигнала границата од 40 отсто вакцинација.
„Доколку ја запреме нееднаквоста ќе ставиме крај на пандемијата. Доколку дозволиме тоа да продолжи, ќе продолжи и ширењето на пандемијата“, изјавил директорот на СЗО.
„Засега во 77 земји официјално е регистриран омикрон сојот, но реалноста е дека веројатно го има и во други држави, но истите не успеале да го регистрираат“, изјавил Гебрејесус.
СЗО особено е загрижена поради тоа што почна да се шири ставот дека омикрон сојот е поблаг од останатите.
„Дури и да предизвикува поблаги симптоми, голем број од заболените сериозно ќе го загрозат здравствениот систем во нивните земји“, заклучил Гебрејесус.
Поврзани артикли