За руските ловци-пресретнувачи МиГ-31 и МиГ-41 се подготвува повеќенаменскиот ракетен систем со голем дострел (МФРК ДП) со кој овие авиони ќе станат вистински убијци на хиперсонични ракети.

По ова прашање веќе се извршени теоретски истражувања согласно кои ловците ќе добијат по една ракета од класата „воздух-воздух“ со многу голем дострел со повеќекратна боева глава, соопштува весникот „Известија“ повикувајќи се на добро информирани извори. Во моментов како најверојатен кандидат за улогата на додатен проектил се разгледува перспективната авионска ракета со среден дострел К-77М „Гадјука“.

Во август 2018 година генералниот директор на руската корпорација за производство на авиони „МиГ“ Иљја Тарасенко соопшти дека програмата за ловецот-пресретнувач од петтата генерација МиГ-41 не е митски проект и дека соодветните работи наскоро ќе ѝ бидат презентирани на јавноста.

Во декември 2017 година претседателот на Комитетот за одбрана и безбедност во Советот на Федерацијата, поранешен командант на Воздушно-космичките сили на РФ Виктор Бондарев изјави дека МиГ-41 ќе уништува хиперсонични ракети и ќе биде најбрзата машина од таа класа на светот.