Шест месеци откако Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи (ИДУЕП) ја поднесе иницијативата со 3 конкретни предлози за поквалитетен живот на граѓаните преку воведување и практична примена на дигитализација на услугите, таа наиде на силна поддршка. Имено, во месец јуни годинава, а со единствена цел да даде конкретен придонес во создавање на одржлива дигитална агенда од интерес на секој граѓанин и правен субјект, ИДУЕП предложи брзо усвојување на следните препораки и конкретни мерки:
1. Намалување за 90% на цената на користење на сите услуги за граѓаните како што се изводи од матично и други, секакви други потврди, уверенија и сите останати документи доколку се вадат дигитално и плаќаат онлајн. Намалување за 50% на овие цени за сите компании и организации, односно правни лица за ваков тип на документи доколку ги вадат дигитално и плаќаат онлајн. Предлогот е оваа мерка да трае во период од 6 до 12 месеци.
2. Воведување на видливо поголем процент на поврат од ДДВ преку апликацијата „Мој ДДВ“ кој во следниот период ќе се исплаќа за сите граѓани кои нарачуваат и плаќаат онлајн.
3. Во период од максимум 3 до 6 месеци да се направи забрзана дигитализација на сите услуги кои ги даваат јавните институции на локално и централно ниво, а кои сега се можни само во стандардната шалтерска и процедура со физичко присуство.
„На темата дигитализација има различни мислења и сметам дека тоа е добро и неопходно за демократијата. Но, едно нешто кое никој не го спори е дека со воведување на дигиталните услуги, правата и можностите дополнително одат во рацете на граѓаните, односно секој од нас добива уште една можност да располага со своето време, наместо да се гужва по шалтери или чека одговор од институциите некогаш во бесконечно долги процедури. Од овие причини сметаме дека брзото воведување на ваквите мерки ќе дадат поттик со цел секој граѓанин да се охрабри и да испроба најмалку една јавна дигитална услуга. Само на овој начин можеме да воведеме доверба до дигитализацијата, но и да ја вратиме довербата во институциите и јавните услуги што ги даваат. Истовремено, дигитализацијата е и мора да остане избор на секоја индивидуа. Тоа значи секој што сака и понатаму да оди по шалтери и во хартија да комуницира, тоа да може да го прави. Но, и спротивно, секој кој не сака на овој начин да го троши своето време, да има право брзо и ефикасно да ја заврши бараната услуга дигитално, од својот компјутер или мобилен телефон“, вели Бојан Кордалов, комуниколог и координатор на Програмата на ИДУЕП за транспарентност и дигитализација.
Од Институтот најавуваат дека се задоволни од позитивните реакции во јавноста, како и од институциите, а дека во следните неколку месеци се надеваат и ќе работат на практична примена и нивно усвојување.
„Пристигнаа конкретни поддршки и ветувања дека овие иницијативи ќе се спроведат. Истовремено, изминативе шест месеци остваривме и повеќе средби со надлежните институции. Сметам и се надевам дека во следните неколку месеци овој процес ќе се заокружи и практично ќе видиме намалени цени за дигиталните јавни услуги, поголем поврат на ДДВ за онлајн плаќања, како и двојно повеќе и побрзи е-услуги на централно и локално ниво кои ќе станат достапни за секој граѓанин и правно лице. Ако политичарите од сите табори се искрени дека сакаат да ги задржат младите, ако институциите сакаат да покажат дека се професионални, тогаш сите заедно мора да се обединиме околу ваквите мерки и иницијативи и да покажеме дека ги носиме за да им олесниме, помогнеме и дадеме практична поддршка на сите граѓани во овие кризни периоди. Ние се ставаме на располагање за овие иницијативи да се исполнат, а искрено се надевам дека ќе ја интензивираме комуникацијата и соработката со надлежните јавни институции, организациите, коморите и слично, а со единствена цел – поквалитетен живот за секој човек“, истакнува Бојан Кордалов, комуниколог и координатор на Програмата на ИДУЕП за транспарентност и дигитализација.
Поддршка за овие иницијативи на Институтот дојдоа од државниот врв. Од Кабинетот на Претседателот Стево Пендаровски во својот одговор до ИДУЕП нагласуваат дека „Претседателот Пендаровски и неговиот Кабинет ги поддржуваат сите иницијативи и предлози чија цел се совпаѓа со интересите на граѓаните и се значајни за нашето општество. Веруваме дека Вашите предлози имаат соодветен прием од сите засегнати институции и ќе придонесат за суштинска јавна дебата“.
Во дописот од Канцеларијата на Претседателот на Владата, Зоран Заев, се истакнува дека барањето на Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи било разгледано со должно внимание, со констатација дека Канцеларијата на Претседателот на Владата целосно се согласува со доставените предлози од ИДУЕП кои имаат една и единствена цел: обезбедување на услови за поквалитетен живот на граѓаните и секако, побрз економски раст и развој за нашата држава.
„Заради фактот што дигитализацијата претпоставува намалување или елиминирање на човечкиот фактор, истата е еден од механизмите за намалување на ризиците од појава на коруптивни дејствија. Од овие причини дигитализацијата на процесите е еден од столбовите на „Планот за борба против корупција. Дополнително, во контекст на остварување на заложбата и ветувањето за подобар живот на граѓаните дадено од Владата, формирана е меѓуресорска работна група за подготовка на измени и дополнувања на законите заради дигитализација на процесите, која е координирана директно од Канцеларијата на Претседателот на Владата“, дополнително се истакнува во одговорот до ИДУЕП кој во целост е достапен на следниот линк: https://iduep.org.mk/2021/07/13/kabinet-na-pvrsm-zaev-do-iduep-gi-poddrzhuvame-dostavenite-predlozi-digitalizatsijata-e-sushtinski-protses-na-koj-vladata-aktivno-raboti/
Вицепремиерот задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси Љупчо Николовски во дописот до ИДУЕП, меѓу другото, истакнува дека „ваквата активност е неопходна заради надминување на констатираните системски слабости, но и во насока на создавање на единствен автоматизиран процес на издавање на акти кој значи и пократко време на чекање на документи, или воопшто да се изземе потребата од „одење од шалтер на шалтер“.
„Во контекст на Вашите препораки и конкретни мерки, Ве известуваме дека даваме поддршка и веќе се преземени конкретни мерки во насока на дигитализацијата… Само со заедничка и посветена работа може да ги промениме сегашните состојби и да се обидеме граѓаните да добијат најдобри услови за комуникација со институциите, како што доликува на едно модерно општество, кое во средиштето секогаш го има интересот за добробит на граѓаните“, истакнува, меѓу другото, вицепремиерот Николовски во дописот до ИДУЕП кој во интегрална верзија е достапен на следниот линк: https://iduep.org.mk/2021/07/09/zpvrsm-nikolovski-do-iduep-davame-poddrshka-na-predlozite-vladata-veke-prezema-konkretni-merki-za-digitalizatsija/
Во својот одговор по однос на втората препорака на ИДУЕП, Министерството за финансии вели дека „начелно нема забелешки по однос на поднесената иницијатива, но само доколку нето фискалниот ефект од истата се вклопи во рамки на постојната исплата на средства од поврат на ДДВ кон граѓаните“. Со други зборови, како што стои во дописот, Министерството за финансии е на став дека за да се зголеми ставката за поврат на ДДВ за онлајн нарачки и плаќања потребно е соодветно да се намали стапката за поврат на ДДВ за други производи и услуги, со цел да не се предизвикаат дополнителни фискални ефекти по Буџетот.
„Во врска со можноста за практична имплементација на предложената Иницијатива и нејзината оправданост, укажуваме дека е потребно Управата за јавни приходи, заедно со останатите надлежни институции, да направи соодветна анализа за тоа: колкав е обемот на онлајн нарачки и плаќања во државата; кој е посакуваниот таргет; колкаво би требало да биде зголемувањето на стапката за поврат на ДДВ во насока на остварување на посакуваниот таргет; односно колкави би биле фискалните импликации; како и каде би требало да се изврши соодветно намалување на стапката на поврат со цел нето ефектот од таквото зголемување да не се одрази дополнително по Буџетот на Република Северна Македонија. По направената анализа, Управата за јавни приходи потребно е да поднесе Информација до Владата која е надлежна за нејзино усвојување“, стои во одговорот на МФ Фатмир Бесими до Институтот, каде во копија е ставена и Управата.
Повеќе детали за оваа иницијатива се достапни на следниот линк: https://iduep.org.mk/2021/06/14/iduep-so-3-konkretni-predlozi-za-pokvaliteten-zhivot-na-graganite-preku-voveduvane-i-praktichna-primena-na-digitalizatsija-na-uslugite/
Од ИДУЕП информираат дека во следните неколку месеци повторно ќе ја интензивираат комуникацијата со надлежните институции за спроведување на овие, како и други препораки со цел инклузивна дигитална трансформација од интерес на секој граѓанин и правен субјект.
Оттаму истакнуваат дека јавното говорење на оваа тема преку медиумите предизвикало огромен бројот и други институции, јавни личности, приватни компании, како и граѓански организации кои позитивно се изјасниле по овие и други иницијативи, а со дел од нив веќе заедно работат на побрза реализација.